Закони

Печати PDF

bam

 

ЗАКОН ЗА АВТОРСКОТО ПРАВО И СРОДНИТЕ ПРАВА

 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/10, 140/10, 51/11, 147/13, 154/15 и 27/16)

 

ЗАКОН ЗА ДАНОКОТ НА ЛИЧЕН ДОХОД

(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 241/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19, 290/20, 85/21 и 274/22)

 

ЗАКОН ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ

 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/01, 04/02, 05/03, 84/08, 81/09, 161/09 и 123/13 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/21 и 154/23)

 

 

Поважни одредби од Законот за авторското право и сродните права кои содржат основни информации за неговата содржина:

 

Поим на авторско дело

 

Член 12

 

(1) Авторско дело, во смисла на овој закон, е интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена на кој било начин и форма.

(2) За авторско дело се смета особено:

1) пишано дело (книга, напис, статија, прирачник, брошура, расправа и други дела од иста природа);

2) компјутерска програма, како пишано дело;

3) говорно дело (предавање, говор, беседа и други дела од иста природа);

4) музичко дело, со или без текст;

5) драмско, драмско-музичко, кореографско и пантомимичарско дело;

6) фотографско дело и дело создадено во постапка слична на фотографската;

7) аудиовизуелно дело (кинематографско и друго дело изразено со подвижни слики);

8) дела на ликовната уметност (слика, цртеж, графика, скулптура и друго);

9) дела од архитектурата;

10) дела од применетата уметност и дизајнот и

11) картографско дело, план, скица, технички цртеж, проект, табела, пластично дело и друго дело со ист или сличен карактер од областа на географијата, топографијата, архитектурата и науката.

(3) Како авторско дело се смета и преработка на авторско дело, доколку ги исполнува условите определени со овој закон.

 

Поим на автор


 Член 17

(1) Автор, во смисла на овој закон, е физичко лице кое го создало авторското дело.

(2) На авторот му припаѓа авторското право над неговото авторско дело со самото создавање на делото.

 

Презумција на авторство

 

Член 18

(1) Како автор се смета лице чие име, псевдоним, код или друг знак, на вообичаен начин е означен на делото, односно неговите примероци или е наведен при објавувањето на делото, додека не се докаже спротивното, во согласност со овој закон.

(2) Во случај кога авторот не е познат, ниту пак може тој да се определи според одредбите од ставот (1) на овој член, авторското право го остварува лицето кое законски го објавило авторското дело.

(3) Одредбата од ставот (2) на овој член престанува да се применува кога идентитетот на авторот ќе биде утврден. Во тој случај, лицето од ставот (2) на овој член е должно имотната корист стекната од остварувањето на авторското право да му ја предаде на авторот, доколку со договор меѓу нив поинаку не е определено.


 

Општи одредби

 

 

 

Член 51

 

(1) Авторско дело може да се користи без дозвола на авторот со или без надоместок, само доколку делото е објавено.

 

(2) Користењето од ставот (1) на овој член може да се врши само во посебни случаи, доколку не е во судир со нормалното користење на делото и доколку неразумно не ги повредува легитимните интереси на авторот.

 

(3) Одредбите од овој дел не се применуваат на компјутерска програма.

 

 

 Користење без плаќање надоместок

 

 

 Член 52

 

(1) Користењето авторско дело без плаќање надоместок се однесува на следниве случаи:

 

1) времено умножување авторско дело, кога умножувањето е од минлив или случаен карактер и/или е составен и суштински дел на технолошки процес, доколку умножувањето само за себе нема независно економско значење и чија единствена цел на умножувањето е да овозможи пренесување податоци во мрежа меѓу трети лица преку посредник или да овозможи законско користење на делото;

 

2) умножување што се врши од страна на јавни библиотеки, образовни институции или музеи и архиви заради остварување на нивната дејност и без непосредна или посредна економска или комерцијална цел;

 

3) снимање авторско дело од страна на радио-телевизиска организација што има дозвола за емитување на делото, доколку го сними со сопствени средства и за сопствени потреби и под услов да го избрише во рокот во кој ја има дозволата за емитување. Доколку снимката има посебна документарна вредност може да биде предадена и сочувана во јавен архив;

 

4) користење дела заради илустрирање во образовни или научни истражувања до степен оправдан со некомерцијалната цел што треба да се постигне, под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа не е возможно;

 

5) користење авторски дела за потребите на лица со посебни потреби на начин кој е непосредно поврзан со посебната потреба, до степен што таа го бара и без комерцијална цел;

 

6) умножување и јавно соопштување написи, статии и други слични дела за актуелни стопански, политички, религиозни и други слични теми, заради известување на јавноста, до степен оправдан со целта, освен ако тоа не е посебно забрането од страна на авторот под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа не е возможно;

 

7) користење делови на авторски дела (цитати), во научни истражувања, за настава, критика, полемика или преглед, во обем и до степен потребен за конкретната намена и под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа не е возможно;

 

8) користење дела за целите на јавната безбедност или во судска, парламентарна или административна постапка;

 

9) користење политички говори, како и извадоци од јавни предавања и слични дела до степен оправдан со информативната намена, под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа не е возможно;

 

10) користење дела за време на верски обреди или други службени одбележувања организирани од органите на државната власт и единиците на локалната самоуправа;

 

11) користење архитектонски и вајарски дела трајно сместени на јавни места (улици, плоштади, паркови и слично);

 

12) користење дела од областа на ликовната и применетата уметност, архитектурата, индустрискиот дизајн и фотографските дела изложени на јавни изложби или на аукција од страна на организаторот, на плакати или каталози изработени без комерцијални цели до степен неопходен за промовирање на настанот;

 

13) преработка на дело во пародија, карикатура или пастиш, под услов преработката да не создава забуна во однос на оригиналот на делото и авторството и ако преработката е во рамките на дозволеното користење на делото;

 

14) умножување авторско дело на носач на тон и слика, јавно соопштување на делото од тој носач, како и јавно соопштување на делото што се емитува, во продавници, на саеми и други места каде што се демонстрира работата на апарати за снимање, умножување и пренесување на тон и слика, во мерка што е неопходна за демонстрирање на работата на апаратите. Записите/снимките создадени по оваа основа веднаш се бришат; 15) случајно (споредно) вклучување авторско дело во друг материјал;

 

16) користење цртежи или проекти на архитектонски објект заради негова реконструкција и

 

17) јавно соопштување и ставање на располагање на јавноста на авторско дело заради истражување или лично усовршување на определени места во јавни научни, културни, образовни и други установи од сличен карактер, доколку делото не може да се купи, или за негово користење не е потребна дозвола, а е дел од колекциите/фондот на установите.

 

(2) Користењето база на податоци или нејзини примероци од страна на законскиот корисник е без плаќање надоместок, доколку е неопходно за пристап и вообичаено користење на нејзините составни содржини.

 

(3) Јавно соопштување на наслов од напис, статија и друго слично дело за актуелни стопански, политички, религиозни и други слични теми, во електронска публикација преземена од друга електронска публикација или од друг извор заради известување на јавноста е без плаќање надоместок, освен ако тоа не е посебно забрането од страна на авторот, односно носителот на правото, под услов да се наведе изворот, како и името на авторот доколку тоа е возможно.

 


Користење дело од народното творештво

 

 

 Член 53

 

(1) Користење дело од народното творештво е без надоместок.

 

(2) Народното творештво се користи на достоен начин, без сакатење и под услов да е наведен изворот и потеклото на делото.

 

(3) За остварување на правата од ставот (2) на овој член е надлежна јавната и научната установа - Институт за фолклор "Марко Цепенков" - Скопје.

 

Траење на авторското право

 

Член 55

(1) Материјалните права траат за време на авторовиот живот и 70 години по неговата смрт, доколку со овој закон поинаку не е определено.

(2) Моралните права траат во различни рокови определени со овој закон.